Дописници За Бугарија преку Берово

За Бугарија преку Берово

Цел рид се свлече и затрупа дел од магистралниот пат што води кон границата со Бугарија преку Македонска Каменица кон Делчево. Поголеми карпи и земја го потрупаа патот од двете страни, поради што воопшто не може да се помине. За да се премине границата со Бугарија во Источна Македонија преку преминот Станке Лисичково кај Делчево, мора да се користи патот од страната на Берово преку Струмица.

Жителите на селто Истибања, на патот пред Македонска Каменица, велат дека вакви големи карпи на патот досега немало.

– Други години вака не било. Опасно е. Многу вода надојде и го накисна ридот, кој се урна на патот. Прекинат ни е патот. Вака не било – изјавија жители на Истибања.

Градежната механизација на „Македонија пат“ од претпладнето ги отстранува купиштата земја и карпи. Директорот Кире Коцев проценува дека треба да се отстранат околу 1.000 кубни метри земја и неколку тонски карпи.

– Се чисти од двете страни и се надеваме денеска, најдоцна до утре, ќе го пуштиме патот во сообраќај – изјави Коцев, кој ги предупреди возачите винамтелно да возат и на патот кон Берово и кон Делчево, но и на патот од Берово кон Струмица, поради одрони од карпи и од земја.

В.К.