Дописници За битолските еколози, Денот на дрвото е чисто лицемерство

За битолските еколози, Денот на дрвото е чисто лицемерство

Наместо да садат нови садници, битолските еколози од здружението „За нас се работи“ ги повикаа битолчани да даруваат крв на Денот на дрвото.

Акцијата ќе трае од 11 до 16 часот, во просториите на здружението во соработка со Црвениот крст од градот.

– Лицемерно е 364 дена во годината да се однесувате неодговорно кон природата, а само еден ден да садите садници. Ние ја подржуваме секоја акција која е за подобрување на животната средина, ама ваквото однесување е навистина лицемерно – изјави Душко Груевски, од здружението „За нас се работи“.

Во исто време, наместо организиран дочек на Нова година на плоштадот Магнолија, еколозите бараат со тие пари Општината да купи нова мерна станица, која ќе ги покажува вистинските вредности за загадениот воздух во Битола. Ако локалната власт не ги поддржи во предлогот, тогаш ги повикуваат естрадните уметници што ќе настапат во Битола за Нова година да се откажат од хонорарите или, пак, да донираат дел од парите за нова мерна станица. Изминатите години за дочекот на најлудата ноќ битолчани се забавуваа со Каролина, Владо Јаневски, групата „Боеми“, Александра Пилева, „Некст тајм“, со „Памперси“…

Деновиве Општината ќе одлучува кој од познатите пејачи и групи од државата ќе бидат со битолчани за дочекот на 2015 година.

А.Б.