Македонија За 24 часа издадени потврди на 775 мигранти, на 91 укажана прва...

За 24 часа издадени потврди на 775 мигранти, на 91 укажана прва помош

Во текот на изминатите 24 часа, Министерството за внатрешни работи (МВР) издало потврди за искажана намера за барање азил во Македонија, на вкупно 775 илегални мигранти кои влегле на територијата на земјата.

Со тоа, како што соопштуваат од МВР, од стапувањето на сила на измените на Законот за азил и привремена заштита, на 19 јуни годинава, досега биле издадени вкупно 26.447 потврди за барање азил, најголем дел од нив на државјани на Сирија.

Бројот на мигранти кои поднеле барање за признавање на правото на азил засега изнесува 41 лице, од кои 31 се сириски државјани, а останатите се од Пакистан, Мароко, Алжир, Ирак и од Египет.

Во Прифатниот центар за баратели на азил во моментов, во дневниот регистар, евидентирани се вкупно шест баратели на азил.

Вчера екипи на Црвениот крст укажале прва помош на 91 лице. Според МВР, 27 од интервенциите биле извршени во Табановце, а 64 во Гевгелија. Ниту едно лице не било транспортирано до болница.