Главна секција Вучиќ и Иванов размениле „тешки и остри зборови“ со Тачи и со...

Вучиќ и Иванов размениле „тешки и остри зборови“ со Тачи и со Нишани во Брдо кај Крањ

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во Брдо кај Крањ изјави дека заедно со македонскиот претседател Ѓорге Иванов размениле „тешки и остри зборов со албанските претставници“ на состанокот, додавајќи дека е така подобро отколку работите да се пренесат на улица, пренесува „Б92“.

Вучиќ рекол дека не памети толку остра и тешка дискусија со косовскиот претседател Хашим Тачи, но дека заедно со Иванов недвосмилено покажале што е вистина во однесувањето на луѓето од Приштина и во заговарањето на голема Албанија.

„Се обидоа да кажат дека тоа се измислици на Белград и морам да кажам дека македонскиот претседател Ѓорге Иванов во целост ги поддржа сите аргументи што ги изнесов и беше многу остар, така што на некои им изгледаше дека правиме блок Србија и Македонија против двајцата албански претставници, што не беше случај“, рекол Вучиќ.

Инаку, Вучиќ и Иванов денеска учествуваа на состанокот на лидерите на Процесот Брдо – Бриони, што се одржа во Брдо кај Крањ.

На средбата, чии домаќини беа претседателите на Словенија и на Хрватска, Борут Пахор и Колинда Грабар-Китаровиќ, учествуваа и претседателот на Сојузна Република Германија, Франк Валтер Штајнмаер, кој беше специјален гостин, претседателот на Црна Гора, Филип Вујановиќ, претседателот на Косово, Хашим Тачи, претседателот Албанија, Бујар Нишани, и членот на претседателството на Босна и Херцеговина, Драган Човиќ.