Македонија Вратено од почеток судењето за Мухамед Зеќири поради промена на членови на...

Вратено од почеток судењето за Мухамед Зеќири поради промена на членови на Судечкиот совет

Обвинителството го товари Зеќири дека во периодот од април 2021 до јануари 2022 година, како генерален секретар на Владата, без да спроведе јавна набавка, склучил договори за консултантски услуги со фирма во вкупна вредност од речиси еден милион евра, односно биле платени 147.000 евра повеќе од претходно договорените 795.000

Фото: Архива на Порталб.мк

Основниот кривичен суд Скопје денеска го врати од почеток судењето против поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири поради тоа што изминал подолг период и поради промена на членови на Судечкиот совет. Зекири се товари за „злоупотреба на службена положба и овластување“.

Обвинетиот повторно се изјасни за невин. Постапката продолжи со доказна постапка во која обвинителката формално ги изведе материјалните докази, а кои се дел од обвинителниот акт. Беа испрашани и сведок и вешто лице на предлог на Обвинителството.

Сведокот Петко Димитров, управител на компанијата „Прајс Вотерхаус Куперс“ сведочеше за начинот на склучување трипартитниот договор со Владата и компаниите „Интерфајнанс“ од Хрватска и „Интерхолдинг“ ДОО Скопје.

„На 5 мај 2021 година преку е-мејл добивме покана да доставиме понуда по проект за асистенција на Владата за приватизација на „Железницата на Република Македонија“. Имавме рок од седум дена. Во овој рок не успеавме да ги обезбедиме сите надворешни и внатрешни експерти, кои би ни биле потребни и добивме продолжување на рокот од страна на Владата и конечно, ја доставивме понудата на 31 мај 2021 година“, рекол сведокот.

Обвинителството го товари Зеќири дека во периодот од април 2021 до јануари 2022 година, како генерален секретар на Владата, без да спроведе јавна набавка, склучил договори за консултантски услуги со фирма во вкупна вредност од речиси еден милион евра, односно биле платени 147.000 евра повеќе од претходно договорените 795.000.

Процесот го води судијката Фанка Јанчулева Михаиловска, а застапник на обвинението е обвинителката Катерина Коларевиќ. Судењето продолжува на 27 април со изведување на докази од страна на одбраната.