Македонија Возила-пресретнувачи ќе документираат сообраќајни прекршоци низ улиците

Возила-пресретнувачи ќе документираат сообраќајни прекршоци низ улиците

Покрај документирањето на сообраќајните прекршоци, со овој уред може автоматски да се детектираат и препознаат регистарски таблици, кои претходно биле евидентирани за сторен сообраќаен прекршок

фото: колаж на фотографии од МВР

Две возила, опремени со системот PolCam, внатрешен уред дизајниран за контрола и мониторирање на сообраќај и прешкршоци на возила во движење, му предаде денеска претседателката на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП), Гордана Кожуваровска, на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Системот PolCam документира сообраќајни прекршоци како што се: минување на црвено светло, возење со поголема брзина од дозволеното, непрописно престигнување и други прекршоци, а брзината на движење на возилата може да се мери на фиксна и променлива оддалеченост од возилата.

Уредот овозможува видеозапис од 25 фотографии во секунда, мапа на којашто се покажува локацијата каде е направено видеото, а има и опција за пронаоѓање и автоматско препознавање на регистарски таблички кои направиле прекршоци.

Интегрираните уреди се од полската компанија „PolCam“ кои преку поставените камери со висока резолуција на предниот и задниот дел од возилото во денски и ноќни услови и во движење бележат видеозаписи од сторените прекршоци.

Бележаните видеозаписи се складираат во хард-диск кој е поставен во задниот дел од возилата и истите подоцна може да се употребат како веродостоен доказ за сторениот сообраќаен прекршок пред надлежните институции, информираа од МВР.

Покрај документирањето на сообраќајните прекршоци, со овој уред може автоматски да се детектираат и препознаат регистарски таблици, кои претходно биле евидентирани за сторен сообраќаен прекршок.

Возилата и опремата инсталирана во нив беа презентирани за време на средбата, при што Спасовски кажа дека за првпат во нашата држава, полицијата располага со возила и опрема од ваков вид кои „исклучително ќе ја променат сликата на сообраќајот на патиштата, во насока на унапредување на безбедноста на сите чинители во сообраќајот“.

Кожуваровска и Спасовски се согласија дека возилата имаат огромна предност во однос на стационарните уреди за евидентирање на прекршоци, односно ја посочија компонентата на мобилност како клучна за целосна покриеност од сообраќајната полиција во насока на превентивно и репресивно делување на терен во сообраќајот, а се со цел сериозно намалување на сообраќајни незгоди, особено со тешки последици.