Свет Воени вежби на Русија и на Кина во Јужно Кинеско Море

Воени вежби на Русија и на Кина во Јужно Кинеско Море

Кина и Русија денеска ќе почнат воени вежби во Јужно Кинеско Море, соопшти министерството за одбрана на Кина.

Станува збор за демонстрирање сила откако меѓународниот суд во Хаг пред два месеци заклучи дека Кина нема широки територијални права во таа област.

Портпаролот на кинеската морнарица, Лијанг Јанг, изјави дека во вежбите ќе учествуваат бродови, подморница, авиони, хеликоптери, морнарички корпус и друга опрема на кинеската и на руската морнарица.

„Во споредба со претходните заеднички вежби, овие се пошироки и со поголем размер кога станува збор за организација, задачи и за команди“, се наведува во соопштението.

Кина тврди дека има право на целото Јужно Кинеско Море, а во прилог на тоа гради и вештачки острови кои можат да издржат воени дејства. Меѓународниот арбитражен суд во јули заклучи дека за полагање права на целото море нема правни основи и дека Кина незаконски ги гради вештачките острови во спорните делови.