Македонија Во земјава од ноќеска стапува на сила новиот возен ред на возовите

Во земјава од ноќеска стапува на сила новиот возен ред на возовите

Фото: Архива на Мета

Во европските земји, како и во Македонија, од полноќ стапува на сила новиот возен ред на патничките возови. Поаѓањата и пристигнувањата на возовите може да се погледнат на веб-страницата на Јавното претпријатијатие за железничка инфраструктура Железници на РСМ.

Од скопската железничка станица од утре ќе сообраќаат по 15 пара возови дневно, а новиот возниот ред е со важност до 10 декември 2022 година.

Во домашниот железнички сообраќај, меѓу Скопје и Битола ќе сообраќаат по три пара возови дневно, со поаѓања од Скопје во 6:53, 14:30 и 20:05 часот и поаѓања од Битола во 3:15, 12:50 и 18:26 часот.

На релацијата Скопје-Гевгелија-Скопје, од главниот град ќе има поаѓања во 6:23 и 16:55 часот, додека од Гевгелија за Скопје возовите ќе тргнуваат во 4:40 и 16:55 часот.

Кон Кичево и Кочани од Скопје, и во 2022 година ќе сообраќа по еден пар возови дневно, кои од главниот град кон Кичево ќе поаѓаат во 16:45 часот, додека од Скопје за Кочани поаѓањата се во 15:23 часот. Во спротивен правец, возовите од Кичево тргнуваат во 5:30 часот, додека од Кочани во 5:26 часот. Идентично како и кон Приштина, од мај годинава патнички возови за Кичево и Кочани воопшто не сообраќаат поради недостиг на возен парк.

Меѓу Скопје и Табановце догодина ќе има четири пара возови дневно, додека на релација Скопје-Велес-Скопје ќе сообраќаат девет пара возови дневно.

Единствен воз во меѓународниот патнички превоз е брзиот за Приштина, којшто по возен ред треба да поаѓа од Скопје во 16:10 часот, додека од косовскиот главен град во 7:10 часот. Сепак, возот изминатава година воопшто не сообраќаше, а засега нема најави од железничкото претпријатие кога брзиот воз кон Приштина би профункционирал.

Покрај во земјава, од ноќеска се менуваат саатниците на поаѓањата и пристигнувањата на возовите, како и бројот на возови и нивните дестинации, низ целиот европски континент, при што граѓаните за најнови информации за нивното сообраќање треба да се обратат на веб-страниците на железничките компании во секоја одделна земја.