Македонија Во „Триста“ досудени девет години затвор за Ѓоко Поповски

Во „Триста“ досудени девет години затвор за Ѓоко Поповски

Во завршницата на повтореното судење за случајот „Триста“ на СЈО, поранешниот помошник-министер во МВР, Ѓоко Поповски, повторно доби 9 години затвор.

Според пресудата, Поповски направил злоупотреба на службената положба бидејќи спротивно на Законот за јавни набавки го прифатил предлогот на Комисијата во министерството и во периодот од 2008 до 2012 година не ги избрал најповолните понуди на тендерот за набавка на триста возила за полицијата.

Судијката Добрила Кацарска исто така во пресудата одреди по нејзината правосилност, Поповски да ја надомести штетата на буџетот на МВР во износ од речиси половина милион евра.

Во првото судење, Кацарска во мај лани го осуди Поповски исто така на 9 години затвор, но во декември Апелација ја укина пресудата и го врати случајот од почеток.

Поповски доби 4,5 затвор во случајот „Тенк“ за набавката на мајбахот вреден речиси 600.000 евра.