Македонија Во Собранието седници на пет комисии

Во Собранието седници на пет комисии

Во Собранието на Република Македонија, денеска седници ќе одржат комисиите за политички систем и односи меѓу заедниците, за труд и социјална политика, за економски прашања, за земјоделство, шумарство и водостопанство и за одбрана и безбедност.

На дневниот ред на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците се предлог-законот за изменување и за дополнување на Законот за Судскиот совет на Република Македонија, предлог-законот за јавнообвинителска служба, како и предлог-законот за изменување и за дополнување на Законот за патните исправи на државјаните на Република Македонија, сите во второ читање. Ќе се расправа и по годишните извештаи на Народниот правобранител за степенот на обезбедувањето, почитување, унапредување и на заштита на човековите слободи и права во 2014 година и за работењето на Дирекцијата за заштита на личните податоци за 2014 година.

Предлог-законот за изменување на Законот за социјалната заштита, во прво читање, е единствена точка на седницата на Комисијата за труд и социјална политика.

Членовите на Комисијата за економски прашања ќе дискутираат по предлог-законот за изменување на Законот за технолошки индустриски развојни зони, во прво читање.

Предлог-законите за изменување на Законот за продажба на земјоделското земјиште во државна сопственост, на Законот за земјоделското земјиште и на Законот за безбедност на храната, сите во прво читање, се на агендата на седницата на Комисијата за земјоделство, шумарство и водостопанство.

На денешната седница Комисијата за одбрана и безбедност на дневниот ред ја има предлог-одлуката за испраќање припадници на Армијата на Република Македонија за учество во мировна операција на Европската унија „Алтеа“ во Босна и Херцеговина.