Град Скопје ја подобрува транспарентноста, во живо ќе ги пренесува седниците од Советот


Скопје, 21 август, 2018 - 13:14 (META) 

На наредната седница, која што ќе се одржи во четврток, Советот на Град Скопје ќе одлучува за набавка на техничка опрема за видео пренос на седниците на Советот на Град Скопје во живо.

„Со ова ќе започне процесот на создавање услови за пренесување на седниците на Советот на Град Скопје во живо, активност која има за цел да ја зголеми информираноста на граѓаните за работата на ова тело, како и за зголемување на транспарентноста во работењето на Град Скопје. Преносите би се реализирале на официјалната веб – страница на Град Скопје, како и на официјалните страници, канали и профили на Град Скопје на социјалните Интернет мрежи и медиуми“, информираа денеска од градската администрација.

Според извештајот за Отвореноста на локална власт во регионот и во Македонија на Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ направена врз основа на анализата од декември 2017 – март 2018 и во рамките на проектот ACTION SEE, отвореноста на локалната самоуправа во Република Македонија е на ниско ниво. Општините исполнуваат едвај 24 отсто од индикаторите на отвореност.

„За подобрена транспарентност на општините, кои исполнуваат скромни 31% од индикаторите од индексот за транспарентност, општините мора да го овозможат и унапредат во иднина објавувањето на одлуките кои ги носат Советите на општините, одлуките кои ги носат градоначалниците, записниците од седниците на Советите на општините, Статутот на општините, Деловниците за работа на Советите, но и да објавуваат информации за организациската структура, буџетот за работа за тековната година, како и за претходните години, завршните сметки, како и објавувањето и пристапот до информациите за јавните набавки“, се вели во извештајот.


Во Собранието денеска четири седници, на 10 април ќе се гласа за реформските закони


Скопје, 3 април, 2018 - 9:57 (META) 

Во Собранието денеска се закажани четири пленарни седници за повеќе закони за кои не е потребно двотретинско мнозинство. Пратениците ќе расправаат за измените на Законот за работните односи, за Предлог законот за остварување право на пензија за работниците во рударството, за измените на Законот за јавно обвинителство и Годишниот извештај за работењето на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување во 2016 година.

Пратениците на 40. седница во прво читање ќе расправаат за Предлог законот за високото образование, а на дневен ред се и закони од сферата на правосудството – измени и дополнувања на законите за Судскиот совет на Република Македонија, за судовите, во прво читање. Во второ читање на оваа седница е Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, како и измените и дополнувањата на Законот за полиција.

Пред пратениците на 38. седница во прво читање ќе бидат ставени измените и дополнувањата на законите за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, електронско управување и за основање на Јавно претпријатие Македонска радиодифузија.

На 10 април, првата собраниска седница после велигденски празници закажани се исто така четири седници, но на дневен ред на тие седници се ставени реформските закони. Ова следува по одлуката на опозициската ВМРО-ДПМНЕ да се врати во Собранието.

На седниците ќе се расправа за Законот за заштита на сведоци, Законот за судови, изборот на претседател и членови на ДИК како и законите за изменување и дополнување на Законот за јавно обвинителство и Законот за кривична постапка за кои е потребно двотретинско мнозинство.


Судскиот совет треба да одлучува по 110 барања за разрешување на судии


Скопје, 13 февруари, 2018 - 12:52 (META) 

Судскиот совет на седници во наредниот период, од кои првата е закажана во четврток, траба да расправа за 110 барања за поведување на постапка за утврдување на одговорност, односно за разрешување на судии, пренесува „Телма“.

Најмногу иницијативи за разрешување на судии се поднесени од Советот за утврдување на факти и за поведување постапка за утврдување одговорност на судија, но и од други подносители.

Како што пренесува телевизијата, три претставки од Специјалното јавно обвинителство и уште неколку од адвокати и други странки во постапките има против судијката Моника Бахчовановска.

Судскиот совет треба да расправа и по иницијативите за утврдување на одговорност и разрешување на членовите на петчлениот Кривичен совет на Врховниот суд – Јово Вангеловски, Рахилка Стојковска, Ристо Катавеновски, Фаик Аслани и Џемали Саити.

Според најавата за седницата в четврток на веб-страницата на Судскиот совет, расправата по барање за поведување на постапка за утврдување на одговорност за судија и донесување одлука е шеста точка на дневниот ред на седницата.

Расправата по оваа точка, како што стои во соопштението, ќе се води зад затврени врати, односно нема да биде дозволено присуство на медиумите.


Апелација денеска на затворени седници ќе одлучува за уште девет жалби за 27 април


Скопје, 15 јануари, 2018 - 11:07 (META) 

Апелацискиот суд Скопјe и денеска ќе разгледува жалби за продолжувањето на притворите на осомничените за насилствата во Собранието од 27 април, потврдија за „Мета“ од судот.

Оттаму велат дека денешните седници ќе бидат затворени за јавноста, бидејќи никој од осомничените не побарал нивните жалби да бидат разгледани на јавна седница.

Како што ни изјавија од судот, станува збор за осум или девет жалби, но, дали за сите денеска ќе има одлуки од второстепениот суд не можеа со сигурност да потврдат.

Велат дека се во постојано заседание и дека е е можно кон крајот на денот да ги објават одлуките по жалбите што ќе бидат разгледани денеска.

Минатата недела Апелацискиот суд на јавни и на нејавни седници ги разгледа и ги одби жалбите на поранешниот министер за внатрешни работи, Митко Чавков, на актерот Владо Јовановски, на поранешниот директор на Македонската опера и балет, Игор Дурловски, на Оливер Поповски, Горан Ѓошевски, Мунир Пепиќ, Душко Лазаров, Митко Пешов, Оливер Раудлов, Богдан Илиевски и Илија Славевски, кои остануваат во притвор.

Минатата недела Апелација на јавна седница ја разгледуваше и жалбата за продолжениот притвор и на пратеникот Сашо Василевски, но, одлуката сè уште не е официјално објавена.

Кривичниот суд во Скопје на 27 декември им го продолжи притворот за нови 30 дена и на пратениците Крсто Мукоски, Љубен Арнаудов, Борис Дамовски, додека пратениците, Јохан Тарчуловски, Жаклина Пешевска и Љупчо Димовски добија мерка куќен притворот.

Сите се товарат за кривичното дело терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста.


Набиена агенда со пленарки на првиот работен ден на Собранието по Нова година


Скопје, 9 јануари, 2018 - 10:00 (META) 

Собранието денеска, на првиот работен ден по Новогодишните празници, според најавите, треба да ги одржи продолженијата на шест пленарни седници, на кои на дневен ред се Законот за употреба на јазиците и именувањето на Осман Кадриу и Дарко Костадиновски за судии во Уставниот суд.

Првата пленарна седници, на кои на дневен ред се точките кои останаа незавршени од минатата година, е закажана точно напладне.

На неа во второ читање на Законот за употреба на јазиците, кој е со европско знаменце и кој ги помина комисиските расправи на кои не помина ниту еден од предложените амандмани. На седницата се очекува Собранието да ги изгласа Кадриу и Костадиновски за уставни судии.

Денеска Собранието треба да ги гласа и измените на Законот за заштита на сведоци што ги бараше Специјалното јавно обвинителство и законот со кој се укинува Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија, по скратена постапка.

За денеска е закажано и продолжението на седницата за интерпелациите на министрите за земјоделство, шумарство и водостопанство, за труд и социјална политика, за финансии, за култура и за животна средина и просторно планирање, Љупчо Димовски, Мила Царовска, Драган Тевдовски, Роберт Алаѓозовски и Садула Дураку.

Инаку, опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска ќе одлучува дали нејзините пратеници ќе се вратат во Собранието, чија работа ја бојкотираат изминатиов месец поради притворањето на шестмината пратеници кои се осомничени за насилствата од 27 април, минатата година.


Ратификацијата на Договорот со Бугарија и законите за ОТА на 15 јануари пред пратениците


Скопје, 5 јануари, 2018 - 12:19 (META) 

Претседателот на Собранието, Талат Џафери за 15 јануари ја закажа седницата на која пратениците ќе го разгледуваат предлог-законот за ратификација на Договорот за добрососедство меѓу Македонија и Бугарија кој го потпишаа премиерите на двете земји, Зоран Заев и Бојко Борисов на 1 август минатата година во Скопје.

На истата седница, точки на дневен ред се и законот за новата Оперативно-техничка агенција (ОТА) и новиот Законот за следење на комуникациите, во прво читање, кои се дел од реформите во безбедносните служби и системот за прислушување, што произлегоа од извештаите на експертскиот тим на Европската комисија предводен од Рајнхард Прибе.

Пратениците на 15 јануари ќе расправаат и за законските решенија за Законот за судовите, Законот за извршување на санкциите, Законот за јавнообвинителска служба, Законот за кривичната постапка, Законот за јавното обвинителство, како и Законот за Народниот правобранител. Со измените на овие закони треба да се зајакнат контролните механизми врз работата на полицијата, односно предвидуваат формирање на посебни одделенија во Обвинителството и во судот за истражување и гонење на кривични дела сторени од полициски службеници и припадници на затворската полиција.

Инаку, Собранието со работа по Новогодишните празници ќе почне на 9 јануари, за кога се закажани продолженија на шест седници на ко дел од точките на дневен ред останаа незавршени од минатата година.

На дневен ред на една од ние е Законот за употреба на јазиците, како и именувањето на Осман Кадриу и Дарко Костадиновски за судии во Уставниот суд.

Истиот ден Собранието треба да ги гласа и измените на Законот за заштита на сведоци што ги бараше Специјалното јавно обвинителство и законот со кој се укинува Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија, по скратена постапка.

За во вторник, следната недела е закажано и продолжението на седницата за интерпелациите на министрите за земјоделство, шумарство и водостопанство, за труд и социјална политика, за финансии, за култура и за животна средина и просторно планирање, Љупчо Димовски, Мила Царовска, Драган Тевдовски, Роберт Алаѓозовски и Садула Дураку.


Собранието прави „закажи – откажи“ на седниците до Нова година


Скопје, 26 декември, 2017 - 15:13 (META) 

Претседателот на Собранието, Талат Џафери за утре ги презакажа четирите пленарни седници, кои требаше да се одржат денеска по годишното обраќање на претседателот на државата, Ѓорге Иванов.

На дневен ред на 11. седница се измените на законот за заштита од пушењето кои предвидуваат на надворешните тераси на рестораните и на кафулињата да може да се пуши без ограничување – без разлика на временските услови.

На 12. седница единствена преостаната точка на дневен ред е предлог-одлуката за утврдување на бројот на потпретседателите на Собранието, додека на тринаесеттата се интерпелациите на министрите за земјоделство, шумарство и водостопанство и за труд и социјална политика, Љупчо Николовски и Мила Царовска.

На 15. седница пратениците треба да расправаат и да гласаат за интерпелациите на министрите за финансии, за култура и за животна средина и просторно планирање, Драган Тевдовски, Роберт Алаѓозовски и Садула Дураку.

Инаку, за в четврток во Собранието е закажана седница за пратенички прашања до премиерот и министрите од Владата, што е и последна седница на законодавниот дом за оваа година.

В петок Џафери ќе одржи традиционална новогодишна средба со пратениците и вработените во Собранието.


Полна собраниска агенда: Избор на нов јавен обвинител, уставни судии, закон за јазиците


Скопје, 25 декември, 2017 - 10:03 (META) 

Собранието денеска на пленарна седница закажана во 11 часот треба да гласа за именувањето на нов државен јавен обвинител, функција за која Владата го предложи Љубомир Јовески, член на Советот на јавни обвинители.

Расправата за изменувањето на новиот државен јавен обвинител заврши на 15 декември. За избор на Јовески е потребно просто мнозинство, односно 61 глас.

Покрај оваа точка, на дневен ред на оваа седница се и измените на Законот за Судскиот совет, измените на Законот за заштита на сведоци што ги бараше СЈО и законот за укинување на Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија, предложени по скратена постапка.

По оваа, Собранието ќе ја почне 27. седница, на која пратениците, според најавениот дневен ред, треба да расправаат за именување на двајца судии во Уставниот суд, за разрешување и за именување на член на Регулаторната комисија за енергетика, а последна, односно 35. точка на оваа седница е Законот за употреба на јазиците во второ читање.

За нови членови на Уставниот суд се предложени, универзитетскиот професор Осман Кадриу и Дарко Костадиновски, советник за надворешна политика во кабинетот на претседателот, Ѓорге Иванов.

Кадриу и Костадиновски се предложени од Иванов, а треба да седна на местата на Наташа Габер – Дамјановоска и Гзиме Старова, чиј деветгодишен мандат како членови на Уставниот суд истече на почетокот на октомври, оваа година.


Наместо за буџетот, Собранието денеска ќе гласа за нов државен јавен обвинител


Скопје, 15 декември, 2017 - 12:10 (META) 

Наместо за предлог-буџет за 2018 година, Собранието денеска ќе гласа за изборот на нов државен јавен обвинител, функција за која Владата го предложи Љубомир Јовески, член на Советот на јавни обвинители.

Од Собранието соопштија дека „поради неодложни активности на дел од членовите на Владата“, која попладнево ќе одржи заедничка зедница со владата на Албанија во Поградец, седницата за буџетот за 2018 година е презакажан за следниот петок.

Денеска, покрај изборот на државен јавен обвинител, пред пратениците ќе бидат и измените на Законот за Судскиот совет, измените на Законот за заштита на сведоци што ги бараше СЈО и законот за укинување на Советот за утврдување на факти и покренување на постапка за утврдување одговорност за судија, предложени по скратена постапка.

Инаку, за избор на Јовески за државен јавен обвинител е потребно просто мнозинство, односно 61 глас.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на коалицијата „За подобра Македонија“ досега не присуствуваа на комисиските седници, а оваа е прва пленарка на која ќе се види дали тие целосно ќе ја бојкотираат работата на законодавниот дом.


Собранието денеска треба да го именува новиот јавен обвинител


Скопје, 25 ноември, 2017 - 10:15 (META) 

Собранието денеска ќе ја одржи 22. седница, на која прва точка на дневен ред е именувањето на нов државен јавен обвинител, функција за која Владата го предложи Љубомир Јовески, актуелен член на Советот на јавни обвинители.

На оваа седница, покрај именувањето на јавниот обвинител, на дневен ред се уште седум точки, меѓу кои се и измените на Законот за заштита на сведоци, што ги бараше Специјалното јавно обвинителство, со кои треба да му се овозможи да одлучува кој ќе биде заштитен сведок во постапките што се под негова надлежност. Измените на Законот за заштита на сведоци, како што е наведено, треба да бидат донесени по скратена постапка.

Покрај овие, на седницата ќе се расправа и за измените на Законот за Судскиот совет, за престанок на важењето на Законот за Советот за утврдување факти и за поведување постапка за утврдување одговорност за судија, за измените на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, за здравственото осигурување, за Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување и за измените на Законот за акцизите – сите по скратена постапка.

Инаку, за денеска се предвидени уште две пленарни седници. Пратениците треба да ја продолжат работата по 8. седница, на која е предлог-одлуката за именување заменици на генералниот секретар на Собранието и пет законски измени предложени од пратениците на ВМРО-ДПМНЕ.

Потоа треба да продолжи 12. седница на која пратениците расправаат за утврдување на бројот на потпретседателите на Собранието и за измени на законите за исплата на платите во Република Македонија, за извршување и за издавање на вредносни бонови, предложени од пратеници на опозициската ВМРО-ДПМНЕ.