Македонија Во Собранието ќе се основа парламентарна група за правата на ЛГБТИ лицата

Во Собранието ќе се основа парламентарна група за правата на ЛГБТИ лицата

Денеска во Собранието на Република Македонија ќе биде основана и промовирана Интерпартиската парламентарна група за правата на ЛГБТИ лицата, во која ќе членуваат пратеници од постоечкиот собраниски состав од различни политички партии.

Иницијатори на оваа идеја се пратениците Маја Морачанин, Павле Богоевски, Бранко Маноиловски, Лилјана Поповска, Ирена Стефоска, Ивана Туфегџиќ, Јулиана Николова, Петар Атанасов, Никица Корубин, Соња Мираковска, Јагода Шахпаска, Александар Кирацовски и Славица Шуманска-Митева.

Како што информираат од Собранието, покрај пратениците, на средбата се поканети претставници на амбасадите и невладиниот сектор. На конститутивната средба поздравни обраќања ќе имаат Морачанин и Павле Богоевски, по што ќе биде презентирана Процената на знаењата, ставовите, потребите и практиките на пратениците во Собранието на Република Македонија во врска со човековите права на ЛГБТИ-луѓето и заштитата од дискриминација од страна на Драгана Дрндаревска.