Дописници Во Прилепско почна расадувањето на тутунот

Во Прилепско почна расадувањето на тутунот

Почна расадувањето на тутунот во Прилеп и во Прилепско. Неколку производители почнаа да садат во градот, а повеќето во прилепското село Канатларци и во општина Долнени, оценуваат од Сојузот на тутунските здруженија на Македонија.

– Во источниот дел на земјата расадувњето е во полн ек, а во Прилепско интензитетот се очекува да се зголеми за 15-тина дена. Има недостиг од тутунски расад, но дел тутунари чекаат и да се стабилизира времето – изјави Данчо Милески, претседател на Сојузот на тутунските здруженија на Македонија.

Тој нагласи дека годинава ќе има побарувачка за тутун, најмногу поради фактот што уште на почетокот се знае дека производството ќе биде намалено.

– Годинашното тутунопроизводство ќе биде намалено за 15 до 20 проценти поради што стравуваме дека реколтата можеби нема да стигне до 20.000 тони. Ќе има побарувачка на тутун при откупот, што може да ја крене цената, а тоа е единствената утеха за тутунарите – посочи Милески.

Од Сојузот потврдуваат дека во меѓувреме континуирано се исплаќаат субвенциите од државата. Кај тутунарите треба да се слеаат околу 25 милиони евра, од кои повеќе од половината во прилепско-пелагонискиот регион.