Главна секција Во полициска акција уапсени четворица поранешни припадници на ИД

Во полициска акција уапсени четворица поранешни припадници на ИД

Во акција спроведена рано утринава во Скопје и во Тетово, уапсени се четири лица, а се трага по тројца осомничени дека се поранешни припадници на ИД, информираат од Јавното обвинителство.

„Надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, донесе наредба за спроведување истрага за седум лица, припадници на ИД. На осомничените им се става на товар кривичното дело терористичка организација, по чл.394-а, ст.2 од Кривичниот законик“, пишува во соопштението на Обвинителството.

Три лица, кои се уапсени утрово, се од Скопје, додека едно лице е од Тетово. Другите тројца осомничени се недостапни за органите на прогонот.

„Ценејќи дека се исполнети законските основи, надлежниот обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот суд Скопје 1 предложи на осомничените да им се определи притвор“, се вели во соопштението на Обвинителството.