Македонија Во паркот во Ново Лисиче е отворена првата урбана градина во Скопје

Во паркот во Ново Лисиче е отворена првата урбана градина во Скопје

Фото: Град Скопје

Првата урбана градина во Скопје, сместена во паркот во населбата Ново Лисиче, од денеска ги отвора вратите за посетители, информираат градските власти. Градината „Бостание“ е работена согласно со проектот на здружението на граѓани „Зелена Арка“, реализиран со финансиска поддршка на Град Скопје, а во соработка со Општина Аеродром, ЈП „Паркови и зеленило“, Шумарскиот факултет, Градежниот институт и повеќе општествено одговорни компании.

„Овој проект претставува уште еден придонес кон остварувањето на концептот за отпорен град, односно приспособување кон климатските промени и зајакнување на урбаната отпорност на Скопје. За реализација на овој проект предвидени се 2 милиони денари финансиска поддршка од Буџетот на Град Скопје“, информираат градските власти.

Од Градот Скопје велат дека урбаното градинарство има за цел дружење и зближување на граѓаните преку претворање на јавните површини во градини, односно во оази за производство на здрава храна преку споделување на искуствата и одговорностите.

Тие нагласуваат дека е обезбедена и практична обука за одржливо градинарство на учесниците на заедницата, граѓани-градинари, од страна на стручен кадар од таа област.