Македонија Во Охрид и во Струга ќе летуваат 2.000 деца од социјално загрозени...

Во Охрид и во Струга ќе летуваат 2.000 деца од социјално загрозени семејства

Две илјади деца од социјално загрозени семејства и ова лето ќе имаат можност да одат на бесплатен летен одмор во Охрид и во Струга.

Огласот е веќе објавен, а заинтересираните можат да аплицираат до 20 јуни.

На огласот можат да аплицираат децата од семејствата корисници на социјална парична помош, од семејствата корисници на постојана парична помош, децата и младинците со пречки во развојот до 26 години и децата од семејствата корисници на детски додаток и на родителски додаток.

Првите групи на летување треба да заминат на почетокот на јули, додека проектот целосно ќе се реализира до крајот на август.

Проектот предвидува бесплатен летен одмор седум дена, вкупно шест полни пансиони со обезбеден превоз.

За реализација на проектот за бесплатен одмор, за годинава Владата обезбедила околу 8 милиони денари, односно за бесплатен летен одмор околу 5 милиони денари. Овој проект се реализира од 2012 година и досега правото на бесплатен летен и зимски одмор го имаат искористено вкупно 12.000 дечиња, од кои 8.000 биле на бесплатен летен одмор, а 4.000 искористиле бесплатно зимување.