Подглавна секција Во Њујорк за првпат извршена трансплантација на цело око

Во Њујорк за првпат извршена трансплантација на цело око

46-годишниот пациент Арон Џејмс е пациентот врз кого е извршена трансплантацијата. Претходно тој преживеал силен електричен удар, кој довел до операција на половина од неговото лице

Фото: Olga Guryanova on Unsplash

Хирурзи во Њујорк за првпат во историјата успеаја да извршат пресадување на цело око на човек, иако не е сигурно дали пациентот со сигурност ќе го поврати видот на окото, пишува Би-би-си.

46-годишниот Арон Џејмс е пациентот врз кого е извршена трансплантацијата. Претходно тој преживеал силен електричен удар, а половина од неговото лице било подложено на оперативни зафати и трансплантација.

Експертите наведуваат дека операцијата на њујоршките хирурзи е клучен момент во историјата, кој може во иднина да го спаси видот на милиони луѓе ширум светот.

Пациентот на 27 мај годинава поминал низ ретка трансплантација на дел од неговото лице, додека во пресадувањето на окото биле вклучени над 140 здравствени работници.

Њујоршките хирурзи велат дека Џејмс добро закрепнува по двојната трансплантација и дека донираното око е во добра кондиција. Тој може да гледа со десното око.

Докторите се претпазливи за тоа дали првата успешна трансплантација на цело око ќе значи и враќање на видот кај овој пациент. Њујоршките хирурзи велат дека не постои сигурност оти Џејмс повторно ќе прогледа, но и не ја исклучуваат оваа можност. Инаку, донираното око и лице на 46-годишниот пациент е од машки донор во неговите 30-ти години.