Дописници Во неколку струшки села воведена забрана за употреба на водата од водовод

Во неколку струшки села воведена забрана за употреба на водата од водовод

Регионалниот центар за јавно здравје со седиште во Охрид, континуирано ја следи состојбата со квалитетот на водата во регионите на Охрид, Струга и на Дебар. Контролата е особено засилена од почетокот на обилните врнежи од дожд и од снег, кои го зафатија регионот на Охрид и на Струга. Од центарот известуваат дека е забранета за употреба водата за пиење во неколку струшки села.

– Според информациите со кои располагаме, од страна на Агенцијата за храна е издадена забрана за користење на водата од водоводните системи во селата во струшкиот регион Мислешево, Биџево, Долно Татеши, Велешта, Радолишта и Калишта – велат од Центарот.

Во дел од градскиот водовод во Струга, како и во селските водоводи во струшкиот регион, отсуствува средство за дезинфекција, а водата што ја консумираат жителите на селата Мороишта и Калишта е микробиолошки загадена.
Концентрацијата на дезинфекциско средство е под минимално дозволената доза во селата Мислешево, Долно Татеши и Радолишта. Зголемена матност имаше во водата во селата Мороишта и Радолишта.

Состојбата со квалитетот на вода во градскиот водовод во Охрид ги задоволува законските стандарди за безбедна вода за пиење. Недостаток од дезинфекциско средство има во селата во Дебарца, кои имаат сопствен водовод, како Сливово, Слатино, Издеглавје, Песочан, Велмеј, Лешани, Белчишта, Ботун, Мешеишта и Подмоље. Водата од селата Сливово, Сливово-извор, Издеглавје-извор и Подмоље е со зголемена матност, која ги надминува максимално дозволените граници.