Подглавна секција Во израелски воздушни напади загинаа 19 луѓе, Нетанјаху вели дека ништо нема...

Во израелски воздушни напади загинаа 19 луѓе, Нетанјаху вели дека ништо нема да ги спречи до целосно уништување на Хамас

Советникот за национална безбедност на Белата куќа Џејк Саливан е на пат за Израел, каде што треба да разговара со премиерот Бенјамин Нетанјаху

Бенјамин Нетанјаху | Фото: Kremlin.ru, CC BY 4.0 , via Wikimedia Commons

Министерството за здравство во Газа, кое е под контрола на Хамас, соопшти дека во израелските воздушни напади утринава загинале најмалку 19 лица, пренесува Би-би-си.

Пред доаѓањето на советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џејк Саливан, има зголемени знаци на несогласување меѓу Израел и неговиот најблизок сојузник, САД. Неделава претседателот Џо Бајден го обвини израелското „недискриминирачко бомбардирање“ на Газа за губење на глобалната поддршка во војната против Хамас.

Пред неговото патување, Саливан беше цитиран дека ќе разговара за распоредот за завршување на војната и ќе ги повика израелските лидери да „преминат во поинаква фаза“. Реагирајќи на зголемените меѓународни повици за прекин на огнот, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху им рече на војниците во Газа: „Продолжуваме додека Хамас не биде уништен… Ништо нема да нè спречи“.

Пркосен одговор имаше и од член на израелскиот парламент поради меѓународната критика за војната во Газа. Шарен Хаскел, од конзервативната Партија за национално единство, за Би-Би-Си изјавил дека е од суштинско значење Израел да се држи до својата цел за уништување на Хамас.

„Нивното раководство постојано повторува дека тие секогаш ќе ги прогонуваат Евреите и ќе се обидат да ги убијат ако имаат каква било можност. Тие ќе се обидат да го направат масакрот што го направија на 7 октомври одново и одново, па така оваа војна е вистинска војна против човештвото. Ова е единствениот начин на кој можеме да ги одбраниме нашите деца и да се погрижиме тие да живеат мирно овде во Израел“, изјавил Хаскел.

Семејствата на американските заложници кои ги држи Хамас велат дека веруваат дека претседателот Џо Бајден прави сè што може за да обезбеди ослободување на нивните најблиски. Администрацијата е „целосно посветена“ да ги врати дома, изјавил еден од роднините по средбата со Бајден вчера.

Се верува дека во Газа има осум Американци.

Советникот за национална безбедност на Белата куќа Џејк Саливан е на пат за Израел, каде што треба да разговара со премиерот Бенјамин Нетанјаху и членовите на израелскиот воен кабинет.