Дописници Во Битола одбележан Денот на албанската азбука без превод на македонски јазик

Во Битола одбележан Денот на албанската азбука без превод на македонски јазик

На албански јазик и без превод на македонски јазик, во Битола беше одбележан Денот на албанската азбука. Единаесетте членови на комисијата што пред 108 години ја состави албанската азбука, во Битола денеска добија восочни фигури кои се поставени во спомен-соба.

Со гости од Македонија, Косово и од Албанија, попладневно во Битола свечено се одбележува годишнината од создавањето на албанската азбука.

На свеченоста присуствуваа претставници на Владата, на три државни универзитети, Државниот универзитет – Тетово, Универзитетот „Мајка Тереза“ и Универзитетот на Југоисточна Европа, како и претставници на Универзитетот во Приштина.

Момци и девојки облечени во албанска носија, покрај говорницата го држеа само албанското знаме, додека на влезот од куќата каде што е спомен-собата, се вееја македонското знаме, знамето на Европската Унија и на Република Албанија.

Иако дел од новинарите ги замолија организаторите да преведат, тие рекоа дека тоа не можат да го направат.

Директорот на Музејот на албанската азбука, Нуер Арслани, рече дека за спомен-собата со 11 восочни фигури, Министерството за култура потрошило 8 милиони денари.

На свеченоста беа присутни и поранешниот вицепремиер, Муса Џафери, и градоначалникот на Чаир, Изет Меџити, кои вчера од претседателот на Косово, Хашим Тачи, беа одликувани за нивните заслуги за унапредување на Албанците и за нивната соработка со соседите.

Иако го прашавме Меџити што значи за него одликувањето, тој рече дека пред него има поважен настан од неговото одликување.

– Јас сум само еден од 118 одликувани. Побарајте некое позвучно име да ви каже за тоа – рече Меџити.