Македонија Во 17 часот нова седница на влада, на дневен ред предлогот за...

Во 17 часот нова седница на влада, на дневен ред предлогот за разрешување на Зврлевски

Владата денеска во 17 часот ќе ја почне својата петта седница. Од кабинетот на премиерот информираат дека на дневен ред на седницата ќе се најде предлогот до Собранието на Република Македонија за разрешување на Марко Зврлевски од функцијата јавен обвинител на Република Македонија (врз основа на член 67 од Законот за јавното обвинителство), одредени кадровски прашања, како и други актуелни прашања што се од интерес на граѓаните.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска на прес-конференција рече дека одлучил кои ќе бидат новите директори на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК) и на Бирото за јавна безбедност (БЈБ), но дека нема да ги каже нивните имиња до седницата на владата на која треба да ги предложи.

– Имам донесено одлука и ќе ја доставам на седница на влада кога ќе мислам дека треба да бидат избрани – рече Спасовски.

Пред именувањето на новите директори, владата треба да го разреши актуелниот директор на УБК, Владимир Атанасовски, и на БЈБ, Митко Чавков.