Македонија ВМРО-НП: Вистинските верници се збунети од напливот на античко-пагански прослави

ВМРО-НП: Вистинските верници се збунети од напливот на античко-пагански прослави

ВМРО-Народна партија реагира на различните антиканонски начини на прославувањето на Бадник и на еден од најголемите христијански празници, Рождеството Христово – Божик. Вистинските верници, години наназад се збунети од напливот на античко-пагански прослави кои немаат никаква допирна точка со канонските одредби од Светиот архиерејски синод на МПЦ-АО, се вели во реакцијата на партијата.

„Вековното традиционално чествување на овој свет ден, кој ја симболизира радоста во семејството и топлината на домот, соединети во Христовата црква, кои со години ги красеше македонските православни христијани, оваа година најгрубо беше погазено и заменето со антихристијански и со паганско-антички обичаи. Наместо како што доликува, Бадник скромно да се одбележи во своите домови, а радоста од Христовото раѓање да се дочека во храмовите преполни со верници, доживеавме Бадник да се слави низ полни улици со народ во алкохолизирана состојба, со мрсна храна и забавувајќи се со турбофолк-музика. За сметка на ова, на самиот ден Божик, црквите зјапаа празни само со по некој верник. За жал, дел од нашите свештеници и некои владици, премолчено се согласија со ваквиот антиканонски начин на прослава“, стои во соопштението.

ВМРО-Народна партија ги поздравува и ги охрабрува дел од помладите свештеници и владиката кои се осмелија јавно да се спротивстават и да го осудат ваквиот антицрковен чин, кој директно влијае на рушење на традицијата во верата, што е еден од белезите на идентитетот на еден народ.

„ВМРО-Народна партија го повикува Синодот на МПЦ-ОА да се врати на вековните традиции и да воспостави единствен канонски ред и начин како да се одбележуваат сите верски празници, со што ќе стави брана за негативни влијанија кои доаѓаат однадвор и ќе престане сквернавењето на нашите обичаи и традиција“, стои во реакцијата на ВМРО-НП.