Македонија ВМРО-НП: Специјалниот советник на Али Ахмети да застане на чело на ВМРО-ДПМНЕ

ВМРО-НП: Специјалниот советник на Али Ахмети да застане на чело на ВМРО-ДПМНЕ

VMRO- Partia Popullore

ВМРО-Народна партија ја поздравува храбрата одлука на Бранислав Синадиновски, кој е специјален советник на претседателот на ДУИ, Али Ахмети, истовремено да застане на чело на Иницијативниот одбор за формирање  Албанска православна црква во Република Македонија, како прв чекор во остварување на правата на православните Албанци во земјава.

„ВМРО-Народна партија го прашува иницијаторот, зошто дури сега се охрабри да го објави неговото етничко потекло и да напише книга со ваква тематика, со која целосно го негира своето досегашно обемно творештво од областа на историјата и на идентитетот на македонскиот народ. Низ македонската историја поминале повеќе таканаречени жртви на системот од типот на Бранислав Синадиновски, Матеја Матевски и други, кои едно пишувале, а длабоко во себе прикривале нешто сосема друго. Од ова произлегува суштинското прашање, кој е вистинска жртва на системот, дали тие или македонската нација и нејзиниот идентитет“, се вели во соопштението од ВМРО-Народна партија.

ВМРО-Народна партија ги потсетува граѓаните, особено раководството и членовите на ВМРО-ДПМНЕ, за содржината на книгата напишана од Синадиновски, а по повод 20-годишниот јубилеј на партијата, во која тој се самопрогласува за основач на ВМРО-ДПМНЕ.

„Оваа голема лага, која досега не е демантирана од ВМРО-ДПМНЕ, очигледно му одговара на сегашното раководство, кое по секоја цена сака да ја прикрие вистината за единствениот легитимно признат основач на партијата, Љубчо Георгиевски. ВМРО-Народна партија предлага, таканаречениот основач на ВМРО-ДПМНЕ да ја напушти функцијата специјален советник на Али Ахмети, да ја преземе функцијата претседател на ВМРО-ДПМНЕ и, со актуелната функција претседател на Иницијативниот одбор, целосно да ги оствари барањата на православните Албанци во Македонија“, стои во соопштението.