Македонија ВМРО-ДПМНЕ: Заев е маша на странски центри

ВМРО-ДПМНЕ: Заев е маша на странски центри

ВМРО-ДПМНЕ реагира на прес-конференцијата на Зоран Заев за амнестијата во хашките случаи. Оттаму тврдат дека СДСМ продолжува со спроведување на своето сценарио за дестабилизација на Македонија.

„Неговата улога е да биде маша на странски центри кои имаат цел – нарушување на стабилноста на Македонија и нарушување на нејзиниот меѓународен углед. Зоран Заев продолжува да манипулира со креирани и лажни материјали, кои ги става во контекст што нему му одговара за да предзивика забуна кај граѓаните. Самиот тој со овие прес-конференции потврдува кој сè бил слушан и дека слушањето го правеле надворешни лица под патронат на странски центар. Да потсетиме, Зоран Заев е истиот оној човек кој пред нецела година кажа дека на СДСМ не му личи да биде патриотска партија“, стои во соопштението.

Зоран Заев, се вели во соопштението, е претседателот на партијата која во 1994 година додели 150.000 државјанства само за да победи на избори.

„Зоран Заев е претседател на СДСМ, истата онаа партија која креираше меѓуетнички конфликти во 1997 година во Гостивар и во Тетово, само за да ја прикрие девалвацијата на денарот. Зоран Заев е претседател на СДСМ, структурата која, сè поочигледно станува, во 2001 година учествувала во креирање на вакво слично сценарио какво што гледаме и денес. И, конечно, Зоран Заев е претседател на партијата која го донесе системски најлошиот закон во Република Македонија, законот за територијална поделба, и потоа го минираше референдумот за истиот. Зоран Заев за сите овие години беше нем и лојален поддржувач на штетните политики спроведени од неговата партија“, стои во соопштението.

Да ја потсетиме јавноста, се вели во реакцијата, дека Законот за амнестија е донесен во 2002 година, а за него, меѓу другите, гласале и Бранко Црвенковски, Радмила Шекеринска, Јани Макрадули и Никола Поповски.

„Дополнително, за оваа тема имаше повеќенеделна јавна дискусија што ја памети целата македонска јавност. Внесувањето на Македонија во истите стари сценарија е единственото нешто што СДСМ знае да го работи. Само преку креирање конфликти и дестабилизација, сакаат да се доберат до власт. Тоа го правеле во минатото, а гледаме дека го прават и сега. Граѓаните се мудри и знаат да ги препознаат деструктивните однесувања како ова на СДСМ и на Заев. Тоа го казнувале досега, а ќе го направат и на следните избори“, реагира ВМРО-ДПМНЕ по објавената „бомба“ број 17 денеска.