Македонија ВМРО-ДПМНЕ: Стојановски треба да се товари за сериозно кривично дело

ВМРО-ДПМНЕ: Стојановски треба да се товари за сериозно кривично дело

Шерифлукот на СДСМ е многу посериозен од обична расправија, како што тврди МВР кое што се обидува да го релативизира случајот со градоначалникот на Општина Демир Хисар, Марјанче Стојановски, изјави на прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

Арсовски прашува „како стасале материјалите од нелегалното прислушкување до лик како што е Марјанче Стојановски од Демир Хисар?“

– Дали за овие материјали за кои градоначалникот на Демир Хисар зборува знаaт органите на прогонот? На крајот на краиштата, дали некојси Марјанче Стојановски е дел од една партиска структура на СДСМ која вршела прислушкување на граѓаните и истите материјали ги злоупотребувала во изборни цели, уцени на граѓаните и притисоци на администрацијата во пресрет на политичките случувања како што е претстојниот референдум, а можеби тоа било дел од стратегијата да стане градоначалник? – изјави Арсовски на прес-конференција.

Тој додаде дека се очекува „овој скандал да биде разјаснет во целост, а не да заврши со информативен разговор во полиција, онаму каде што работел Стојановски и од каде имал пристап да ги прислушкува сите граѓани, а сега веќе и да им се заканува.“

– Обвинителството треба да излезе со сериозно кривично дело, а не со минорни обвинувања. Оставката на градоначалникот Стојановски е нешто што јавноста најмалку го очекува во моментов – додаде Арсовски.