Македонија ВМРО-ДПМНЕ: Шилегов денеска си додели девет гласа во Анкетната комисија

ВМРО-ДПМНЕ: Шилегов денеска си додели девет гласа во Анкетната комисија

„Целата јавност до вчера мислеше дека Петре Шилегов бара два гласа во Анкетната комисија, а тој денеска си додели право на девет гласа. Сам закажува, сам откажува седници и сослушувања, како целата Анкетна комисија да е негова приватна сопственост и играчка“, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на Петре Шилегов.

„За него не постои ни деловник за работа на Собранието, ни деловник за работа на комисијата. Желбата на Шилегов да го диктира работењето на Анкетната комисија е во склад со демократскиот капацитет на неговата партија. СДСМ сака да диктира како ќе работат медиумите, банките, полицијата. Диктатот е потпис на СДСМ, а денеска тоа го потврди и Шилегов. За ситни политички поени, Шилегов по обичај се обидува да манипулира и лаже, и покрај тоа што како претседател на комисијата ги знае сите податоци што треба да ги знае“, се вели во реакцијата на владејачката партија.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека работењето на Анкетната комисија за скандалот со присчушувањето е сериозно и дека таму не поминуваат „маалски финти“, а дека Собранието на Македонија не е „фејсбук-профилот на Шилегов за тој да ги ослободува фрустрациите обидувајќи се да наметне авторитет“.