Македонија ВМРО-ДПМНЕ за „бомбата“: СДСМ си даде нов автогол

ВМРО-ДПМНЕ за „бомбата“: СДСМ си даде нов автогол

Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ преку соопштение реагираше на денешната „бомба“ на опозицијата.

Според партијата, „разговорите се креирани, сечени, лепени и прелепувани“, а лидерот на СДСМ, Зоран Заев, со нивното објавување „си дал автогол“.

„Очигледно е дека во СДСМ сè уште се во шок по фијаското и по дебаклот на опозицијата на референдумот во Центар и по пораката од граѓаните дека не ја поддржуваат деструктивната политика на СДСМ, па со денешната прес-конференција на Зоран Заев, на која објавуваше креирани, сечени, лепени, прелепувани и монтирани материјали, чија веродостојност не е утврдена, си дадоа нов автогол. И покрај тоа што дополнително покажаа дека одработуваат единствено за туѓи интереси, покажаа и дека немаат никаков капацитет и кредибилитет за водење реална политика. Во однос на фалењата на Заев дека поседува еден куп незаконски прислушувани и креирани, сечени и монтирани материјали и смс пораки, СДСМ може да кажат дека доставиле и 5 милиони страници материјали, но ако во нив нема ниту еден аргумент како што очигледно во овие досега објавени материјали на Заев нема, тогаш залудно им е сè. Бројката не е воопшто предиспозиција и показател за квалитетот“, пишува во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Во реакцијата пишува дека Заев е свесен дека ова сценарио не му поминува и затоа тој повторно се заканувал со насилство, со тензии и со конфликтност.

– Заев треба да знае дека секоја негова постпака во таа насока ќе биде остро осудена од граѓаните и од ВМРО-ДПМНЕ и дека нема да дозволиме државата да биде заложник на неговото сценарио – наведено е во соопштението.