Македонија ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ се обидува да го девалвира Уставниот суд

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ се обидува да го девалвира Уставниот суд

Уште еднаш крајно безобразно и неодговорно, СДСМ се обидува да го девалвира Уставниот суд, државните институции и угледот на Македонија, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференцијата на портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.

Оттаму велат дека „СДСМ секогаш кога е без идеја, посегнува по институциите на државата.“

– На јавноста ѝ е сосема јасно дека ВМРО-ДПМНЕ цврсто стои зад ставот во врска со актуелната иницијатива пред Уставниот суд и тоа не е променето од 2009 година досега. СДСМ во 2009 година беше со став дека измените во законот се неуставни и дека ќе паднат пред Уставниот суд. Затоа веќе трет ден се кријат и Цветанка Иванова и Емилијан Станковиќ и сите членови на партијата што во 2009 година гласаа против измените во Законот за помилување. Затоа овие два дена му е дадена задача на Петре Шилегов да ја лаже и да ја манипулира јавноста со политички напади врз институциите – се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.

Во него се додава дека „кога СДСМ говори за врска меѓу политиката и судството, треба да објасни каде работи кумот на Филип Медарски, адвокат и советник на аболираниот криминалец Заев, каде работи сопругата на Филип Медарски и каде работи неговата мајка. Каква врска има Филип Медарски со Специјално јавно обвинителство, со Основниот суд и со Вишото јавно обвинителство?“.

– СДСМ мора со афери да ја покрива сопствената неспособност, отсуството на програма и ниту една позитивна порака на СДСМ кон народот. Затоа СДСМ наместо да се посвети на идеи и на проекти, се посветува само на фабрики за афери – се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.