Македонија ВМРО-ДПМНЕ: Оневозможена амандманската расправа, законот за јазиците е нелегален

ВМРО-ДПМНЕ: Оневозможена амандманската расправа, законот за јазиците е нелегален

СДСМ и владејачкото мнозинство го погазија правото и ја деградираа правната држава. Власта нелегално го прогласи законот за двојазичност за изгласан, оневозможувајќи ја со закон загарантираната амандманска расправа, порача ВМРО-ДПМНЕ денеска.

„Владејачкото мнозинство ја силуваше демократијата и не ги послуша апелите на граѓаните. За СДСМ побитен беше меѓукоалицискиот договор, отколку граѓаните и иднината на државата. Власта ги злоупотребува државните институции за одржување на коалицијата на стаклени нозе. Злоупотреба на институциите е и политичкиот прогон врз десетина патриоти кои се дел од монтиран судски случај“, порача партијата.

Вчера со 64 гласа и во тензична атмосфера, на раб на физичка пресметка, беше изгласан Законот за јазиците во трето читање, откако еднаш претседателот Иванов одби да го потпише.

Шефот на државата и синоќа во обраќање до јавноста изјави дека „Уставот и совеста не му дозволуваат да го потпише Указот за прогласување на Законот“.