Македонија ВМРО-ДПМНЕ: Хаосот во здравството е резултат на непрофесионално раководење

ВМРО-ДПМНЕ: Хаосот во здравството е резултат на непрофесионално раководење

Владата на Зоран Заев го урниса здравствениот систем. Доказ се секојдневните скандали кои се случуваат и кои, за жал, пациентите и граѓаните ги плаќаат со сопственото здравје и живот, изјави денеска на прес-конференција Драги Јовевски од ВМРО-ДПМНЕ.

– Според информации кои не се потврдени, во последните 10 дена на Гинеколошко-акушерската клиника се случиле неколку смртни случаи на новороденчиња, случаи за кои било строго забрането да се информираат медиумите. Отворено го прашуваме министерот за здравство, Венко Филипче и директорката на ГАК, колку смртни случаи на новороденчиња се случиле, а за кои не била информирана јавноста? Дали е пронајдена опасната бактерија МРСА во креветчињата на новороденчињата и конечно дали некој ќе сноси одговорност – вели Јовевски.

Хаосот за здравството, според Јовевски, е резултат на непрофесионално раководење и додава дека пациентите ризикуваат да бидат приведувани или исфрлани со обезбедување само затоа што се пожалиле на услугата.

– Секој ден слушаме за недостатоци на лекови, смртни случаи од невнимание и слични семејни и лични трагедии. Тие ветуваа унапредување, а на дело се гледа урнисување и импровизација на здравствената услуга дури и во највисоките здравствени установи како што се клиниките во клиничкиот центар во Скопје – потенцира Јовевски.