Македонија Владата им го одзеде доделениот имот на донаторите на Ќосето

Владата им го одзеде доделениот имот на донаторите на Ќосето

Премиерот и министрите на денешната седница на Владата ја усвоија предлог-одлуката за престанок на трајно користење на просториите на Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин, кое се јавува како донатор на неколку споменици од проектот „Скопје 2014“.

Здружението, според податоците објавени во „Службен весник“, од претходната влада на трајно користење доби деловни простории во центарот на Скопје, со вкупна површина од 49 квадратни метри, како и половно возило „ауди а4“, со проценета вредност од околу 5.000 евра.

Здружението за духовно обединување на Сетинци, Попадинци и Крушоради од Лерин ги донираше споменикот на генерал Михајло Апостолски, потоа контроверзниот споменик на Андон Лазов Јанев – Ќосето и споменикот на Ѓорѓи Сугарев. Донација на Здружението се и спомениците на Никола Петров Русински и на Пере Тошев поставени во близина на Универзитетската библиотека, споменикот на Света Лидија, кој е поставен кај плоштадот Богородица и споменикот Децата бегалци од Егејска Македонија, кај хотелот „Холидеј ин“.