Македонија Владата го утврди текстот на предлог-законот за електронски услуги за граѓаните

Владата го утврди текстот на предлог-законот за електронски услуги за граѓаните

На предлог на Министерство за информатичко општество и администрација Владата на 123. седница го утврди текстот на предлог – законот за електронско управување и електронски услуги што ќе биде доставен до Собранието.

„Со овој закон се уредува работата на органите на државната управа и единиците на локалната самоуправа при размена на податоци и документи во електронска форма, односно остварување на електронски услуги, кога тоа е утврдено со закон, како и работата на судовите, јавните обвинителства и државното правобранителство, субјекти од областа на образованието, здравството, социјалната заштита, финансиите, банкарството, осигурувањето, енергетиката, водоснабдувањето, електронските комуникации, поштенските услуги и комуналните услуги при размена на податоци и документи во електронска форма, односно остварување на електронски услуги, и воедно се уредуваат и прашањата поврзани со воспоставувањето и функционирањето на Националниот портал за електронски услуги, Каталогот на услуги и Една точка за услуги“, се вели во соопштението.

Владата исто така го разгледала и утврдила новиот текст на предлог – законот за електронски документи, електронска идентификација и доверливи услуги за да се отстранат постојните бариери за прекуграничната употреба на средства за електронска идентификација користени во земјите членки на ЕУ.

„Целта на оваа регулатива, а со тоа и на овој предлог закон, е да се воспостави сигурност за пристап до прекугранични електронски услуги, како и да се оствари безбедна електронска идентификација и проверка на автентичност“, додаваат од Влада.