Економија Владата го раскина договорот за државна помош на ТЕ-ТО- Скопје поради неплатен...

Владата го раскина договорот за државна помош на ТЕ-ТО- Скопје поради неплатен данок

ТЕ-ТО Исток | Фото: Мета.мк

Владата еднострано го прекина договорот за државна помош на ТЕ-ТО Скопје. Според соопштението од Владата, на вчерашната седница се разгледа и усвои Информацијата за потребата од раскинување на Договорот за доделување на државна помош, и на Анексот на Договорот за доделување на државна помош, склучени помеѓу Владата на РСМ и Друштвото за производство на електрична и топлинска енергија ТЕ-ТО АД Скопје и се донесе Одлука за едностран раскин на овие договори, поради фактот дека не се постигна согласност за создавање правна основа за оваа државна помош.

Во владиното соопштение стои дека: Согласно оваа одлука ТЕ-ТО е должно да го плати долгот кон УЈП, со заклучок на Владата, доколку во законската рамка постои можност и се постигне договор, долгот да биде исплатен на рати.

Според официјалните податоци на Управата за јавни приходи, на листата на должници за долгови доспеани до 31 јули годинава, а неплатени до 31 октомври оваа година, ТЕ-ТО АД Скопје е прв на листата на УЈП, со најголем, вкупен долг од 707 милиони денари или околу 11,5 милиони евра за неплатен данок на додадена вредност.

Инаку, според точка 28 од 160 седница на Владата одржана на 22 октомври минатата година, Владата по Информацијата за доделување државна помош на Друштво за производство на електрична и топлинска енергија „ТЕ-ТО“ АД Скопје, реши да го прифати текстот на Договорот за доделување државна помош помеѓу Владата на
РСМ и „ТЕ-ТО“ АД Скопје и истовремено ѝ укажа на Комисијата за заштита на конкуренцијата да постапи по Законот за контрола на државната помош и во рок од 30 дена да достави соодветна предлог-уредба“, стои во извештајот од таа седница.