Македонија Владата ќе иницира јавна дебата со сите засегнати страни за планот против...

Владата ќе иницира јавна дебата со сите засегнати страни за планот против дезинформациите

Владата со посветеност и внимание ја следи дебатата што се развива по најавата за подготовка за План за одлучна акција против ширење дезинформации, велат од таму.

„Конструктивната дебата само потврдува колку е важна и суштинска потребата од подготовка на една таква сеопфатна иницијатива во која задолжително ќе бидат вклучени сите засегнати и сите заинтересирани страни, медиуми, организации, новинари и граѓани кои се определени против злото наречено лажни вести кое ја загрозува демократијата. Самата дебата, со целиот нејзин интензитет, е првиот чекор кој го поттикна најавата. Владата уште еднаш најавува дека преку својата улога на засегната страна која иницира дискусија, ќе обезбеди широк простор за јавна дебата, вклученост на сите засегнати и носење одлуки преку заедничко разбирање и договор“, се вели во соопштението.

Во наредниот период Владата ќе иницира серија дебати, трибини и други средби и работилници како шанса за сите да го дадат својот придонес.

„Истовремено, Владата ќе ги прифати сите слични иницијативи организирани од сите релевантни организации кои ќе се вклучат во подготовката за финален заеднички План за одлучна акција против ширење дезинформации“, додаваат од таму.