Економија Винскиот туризам ќе придонесува во развојот на туризмот

Винскиот туризам ќе придонесува во развојот на туризмот

Развојот на туризмот во иднина ќе се темели и на винскиот туризам покрај езерскиот, културниот, зимскиот и еколошкиот. Ова денеска беше истакнато на Првата регионална конференција за вински туризам – Македонија 2015, организирана од Министерството за економија и Фондацијата „Тиквешки вински пат“.

– Во овој период успеавме да обезбедиме и зголемување на остварениот девизен прилив од туризмот што според податоците на НБРМ, за 2014 година изнесува 136 милиони долари, а за првите три месеци од годинава девизниот прилив е зголемен за 18,5 проценти. Лани во туризмот се вложиле 2,3 проценти од вкупните инвестиции во земјава, а годинава се очекува порастот на инвестициите да биде поголем за 10 отсто. Со овие бројки Македонија се наоѓа на седмо место на листата меѓу 184 земји од светот –  изјави министерот за економија Беким Незири на отворањето на конференцијата.

Учеството на туризмот во македонскиот БДП во 2013 и во 2014 година е 2,3 проценти, а проекциите до 2020 година се тој да достигне до 5 проценти.

На конференцијата присуствуваа претставници од надлежните институции за туризмот во Македонија, Србија, Словенија, Албанија, Хрватска, Црна Гора, Италија, Франција, Португалија, Шпанија, Косово и во Босна и Херцеговина.