Македонија Вчера горело на 22 локации, утрово пожар во село Бучинци

Вчера горело на 22 локации, утрово пожар во село Бучинци

Сите пожари во текот на вчерашниот ден биле изгаснати

Пожарот во Чешиново - Облешево (16 август 2023) / фото: Центар за управување со кризи (ЦУК)

Вкупно 22 пожари биле изгаснати вчера, информираше Центарот за управување со кризи (ЦУК) повикувајќи се на податоци од регионалните центри во земјава.

Во текот на вчерашниот ден во Скопје настанале два пожара – еден во Карпош каде на улицата „Скупи“ горела сува трева, а вториот кај новиот пат Сарај-Рашче, каде исто така горела трева.

Два пожари имало и во Општина Новаци (село Далбеговци и патот од Новаци кон Рибарци во месноста „Ергела“), три во Гостивар и дури шест во Куманово (кај селата Брзак, Ропалце, Баксинце, Ропалце – Умин дол, Рамановце и Средорек).

Пожари имало и во ресенско, крушевско, дебарско, кичевско, штипско, во Дебар и во Пробиштип.

Сите пожари во текот на вчерашниот ден биле изгаснати.

ЦУК утрово информираше дека добиле пријава за пожар на стрниште во селото Бучинци на 200 метри од селската црква. За ова биле известени пожарникари од Бригадата за противпожарна заштита Скопје, кои во моментов работат на гаснење на пожарот.