Дописници Утре во Тетово почнува интернационалниот филмски фестивал „Ода“

Утре во Тетово почнува интернационалниот филмски фестивал „Ода“

Неделава тетовци ќе имаат можност да уживаат во проекција на 36 краткометражни филмови и на четири долгометражни од 25 држави во светот. Филмовите ќе се прикажуваат во рамки на интернационалниот филмски фестивал „Ода“, кој ќе почне утре а ќе заврши на 8 октомври.

– За овој фестивал аплицираа 855 филма, а избравме 37 краткометражни. Според програмата на интернационалниот филмски фестивал „Ода“, од вторник до петок во 13 часот ќе се прикажува детска програма, во 14 часот и во 16.30 часот краткометражни филмови, а со почеток во 20 часот ќе биде проекцијата на долгометражните филмови – изјави Сабедин Селмани од фестивалот „Ода“.

Организаторите на фестивалот посочуваат дека во Тетово недостига филмската уметност, а „Ода“ преставува ретка можност да се пополни таа празнина.

– На Тетово му се потребни вакви фестивали. Од овој фестивал ќе произлезат и критики, па и за самата организација, па здравје, на основа на критиките ќе се потрудиме наредниот фестивал да биде уште поквалитетен – изјави Африм Спахиу од фестивалската управа.

В среда, со почеток во 20 часот, ќе биде прикажан филмот „Медена ноќ“ во режија на Иво Трајков. Филмскиот фестивал „Ода 2016“ ќе заврши в сабота, со прогласување на наградените филмови. Влезот за сите љубители на филмската уметност е слободен.