Македонија Уставен суд го укина ДУП-от за салата „Борис Трајковски“ каде требаше да...

Уставен суд го укина ДУП-от за салата „Борис Трајковски“ каде требаше да се гради бензинска

Од Уставниот суд во соопштението велат дека просторот каде се планира изградбата на бензинска пумпа е означен како коридор низ кој минува топловодна, гасоводна, фекална и водоводна инфраструктура

Извор на фотографија: Фејсбук профил на Независни за Карпош

Уставниот суд на денешната седница одлучи да ја укине Одлуката за донесување Детален урбанистички план за градска четврт 3 04 блок 04.05 на Општина Карпош.  Станува збор за ДУП-от што се однесува на локацијата кај спортската сала „Борис Трајковски“, при што на една од парцелите е предвидена изградба на бензинска станица, а земјиштето веќе го купи „Пуцко петрол“.

„Од утврдената фактичка состојба и обемната документација која се анализираше, Судот утврди дека ДУП-от е неусогласен со ГУП-от бидејќи се предвидува изградба на бензинска пумпа која е објект со класа на намена Е, на место кое што е планирано за зеленило и изградба на објекти со класа на намена А и Б, односно објекти за домување и делумно комерцијални објекти“, стои во соопштението на Уставен суд.

Од Уставниот суд во соопштението велат дека просторот каде се планира изградбата на бензинска пумпа е означен како коридор низ кој минува топловодна, гасоводна, фекална и водоводна инфраструктура.

„Уставниот суд оцени дека со вака донесената одлука на општина Карпош се повредува начелото на владеење на правото, унапредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, предвидени во Уставот, но исто така е направена и повреда на членот 4 од Законот за урбанистичко планирање, бидејќи донесениот ДУП, не е во согласност со ГУП“, се наведува во нивното соопштение.

Уставниот суд расправаше и ја укина оваа Одлука за носење на ДУП во општина Карпош по поднесена иницијатива од Наташа Шурбановска на 3 април 2022 година.

Инаку, ДУП-от за оваа градска четврт беше изработен од „Билд Урбан” ДООЕЛ Скопје од март 2021 година, а Советот на општина Карпош го донесе на петтата вонредна седница. „Пуцко петрол“ пак купи градежна парцела спроти спортската сала „Борис Трајковски“, на која во поништениот ДУП е вцртана маркичката за изградба на бензинска пумпа.