Македонија Уште еден камион со 20 мигранти откриен кај селото Смоквица, Гевгелиско

Уште еден камион со 20 мигранти откриен кај селото Смоквица, Гевгелиско

Дваесет илегални мигранти вчера попладне, околу 14.50 часот, биле пронајдени во камион, со скопски регистарски ознаки, паркиран на бензинска пумпа во близина на селото Смоквица, Гевгелиско, информира Министерството за внатрешни работи (МВР).

Камионот со мигрантите бил откриен од полициски службеници, кои вршеле редовна контрола и како што информираат од МВР, станува збор за кривично дело криумчарење мигранти.

Од МВР засега нема информации за осомничени лица во врска со случајот.

Според МВР, увид на местото извршила екипа од гевгелиската полиција. По добиени инструкции од јавен обвинител, тројца мигранти биле задржани и пренесени во Прифатниот центар за странци Скопје, а другите 17 биле пренесени во Прифатниот транзитен центар во Гевгелија за понатамошна постапка.

Камион полн со мигранти, меѓу кои жени и деца, во петокот минатата недела, беше откриен и на стариот пат Скопје – Куманово. Во напуштениот камион беа пронајдени 33 мигранти, од кои 16 ирачки, 15 ирански и двајца државјани на Либија.