Технологија Упасен и последниот од тројцата основачи на „Пајрат беј“

Упасен и последниот од тројцата основачи на „Пајрат беј“

Прес конференција за апсењето на Неиџ

Фредрик Неиџ, последниот од тројцата основачи на веб-страницата „Пајрат беј“ (Pirate Bay), една од најкористените за пиратско симнување филмови и музика, беше уапсен вчера на границата помеѓу Лаос и Тајланд.
Неговото апсење доаѓа како круна на акцијата по која двајца од основачите се притворени, а третиот минатиот месец доби затворска казна од три и пол години.
Тројцата Швеѓани ја основаа најпопуларната вебстраница за пиратирање во 2003 година.
Неиџ со сопругата и со децата се пресели во Лаос пред неколку години. Веб-страницата „Торент фрик“ (TorrentFreak) пишува дека тој повеќепати досега ја минувал границата со Тајланд иако постоела одлука да му биде одземен пасошот.
По апсењето, полицајците одржале симболична прес-конференција и се фотографирале со мал одред офицери.
И покрај апсењата на основачите, веб-страницата „Пајрат беј“ сè уште е активна.