Хроника Украден сеф од благајната на Клиниката за инфективни болести

Украден сеф од благајната на Клиниката за инфективни болести

Вчера попладне, во периодот меѓу 15 и 19.30 часот, непознат сторител провалил во благајната на Клиниката за инфективни болести во Скопје и украл сеф во кој имало пари, картички за точење гориво и други предмети, информира полицијата.

Според полицијата, крадецот, најверојатно, со автомобил влегол во кругот на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ и дошол до Клиниката за инфективни болести, каде со погоден алат ги пресекол металните прачки од заштитната решетка од прозорецот на благајната и влегол внатре.

Во сефот што бил украден, според полицијата, имало 16.000 денари, банкноти и кованици во разни апоени од поранешна СФРЈ, три картички од 5.000 денари за точење гориво во „Макпетрол“, фискална каса, магнетна картичка за влез во Клиниката и беџ за идентификација.

Вкупната вредност на пленот што го однел крадецот била проценета на околу 86.000 денари или околу 1.400 евра.

Од полицијата велат дека работат на пронаоѓање на сторителот.