Економија Угостителите бараат намалување на ДДВ на храната од 18 на 5 проценти

Угостителите бараат намалување на ДДВ на храната од 18 на 5 проценти

Намалување на ДДВ на храната од 18 на 5 проценти ќе побара Здружението на угостителство и туризам при Стопанската комора од Министерството за економија.

Во моментов, ДДВ што го плаќаат угостителите на храната што се служи во рестораните како влезна суровина, се оданочува со 5 проценти, а на крајот вкупната услуга, во која влегува и материјалниот трошок, се оданочува со 18 проценти.

– Барањата на хотелиерите и на угостителите се во насока на растоварување на дел од трошоците, за девизниот прилив кој е поизразен со порастот на странските гости, да може да се искористи за реинвестирање во објектите за нивно приспособување на потребите на гостите, како и за следење на трендовите во регионот и во светот каде хотелско-угостителските објекти нудат разни видови нови услуги во согласност со потребите на гостите – изјави Даниела Михајловска-Василевска од Стопанската комора.

Хотелиерите и угостителите сметаат дека вака ослободен износ кој би останал во хотелските и во угостителските објекти, дефинитивно може да се искористи за нови инвестиции во дејноста, како и за решавање и за надминување на неколкуте крупни проблеми со кои се среќаваат компаниите од дејноста.