Македонија Убиство во Кочани: Жена десетици пати била избодена со нож пред семејната...

Убиство во Кочани: Жена десетици пати била избодена со нож пред семејната куќа

Во јули годинава, жената го пријавила осомничениот за уцена. Тој, според првичните информации, ја уценувал жената дека ќе објави компромитирачки материјали за неа, доколку не земе кредит во негово име

Фото: The image was posted by Gerd Altmann on Pixabay

Жена на 46-годишна возраст од Кочани утринава била до смрт избодена со нож пред семејната куќа, информираа од Јавното обвинителство.

„Основното јавно обвинителство Кочани изврши увид на лице место пред семејна куќа каде утрово беше лишена од живот жена на возраст од 46 години. Преземени се сите дејствија, наредена е обдукција на телото на починатата, обезбедени се траги и други докази кои ќе бидат предмет на вештачење. Од очевидци на настанот извршено е препознавање на осомничениот сторител на кривичното дело, кој е лишен од слобода. Се постапува за расчистување на настанот и за испитување на мотивите“, велат од обвинителството.

Душанка Горгиева-Трпевски, директорка на Општата болница, во изјава за 360 степени вели дека медицинските екипи констатирале над 40 убодни рани кај жената.

„Утрово, во 06:15 часот на улицата ’Страшо Ербапче’ во Кочани, 59-годишниот У.Р. ја нападнал 46-годишната Т.М. при што со нож ѝ нанел повеќе убодни рани на телото, по што таа починала. Медицинската екипа што беше повикана констатирала над 40 убодни рани од кои жената починала на самото место“, вели Горгиева-Трпевски.

Претходно, во јули годинава, жената го пријавила осомничениот за уцена. Тој, според првичните информации, ја уценувал жената дека ќе објави компромитирачки материјали за неа, доколку не земе кредит во негово име. По овие наоди, во обвинителството сè уште постапувале.