Свет Свет Убиен еден од јапонските заложници, ИД бара размена за другиот

Убиен еден од јапонските заложници, ИД бара размена за другиот

Исламска држава обезглави еден од јапонските заложници и сега бара да се ослободи жена бомбаш-самоубиец од Јордан за да го поштедат животот на другиот заложник.

Синоќа беше објавена видеоснимка на која се гледа еден од киднапираните Јапонци, Кенџи Гото, како држи слика од другиот киднапиран Јапонец, Харуна Јукава.

Во видеозаписот глас на англиски јазик вели дека јапонскиот премиер Шинзо Абе е виновен за смрта на Јукава.
„Ти беше даден рок“, вели гласот во видеоснимката.

Претходно ИД побараа од Јапонија до петок да плати 200 милиони долари за да ги спаси животите на двајцата заложници.

Во видеозаписот ИД го поставува и новиот ултиматум, да ја ослободат Ирачанката Сајида Ал-Ришави, за која е изречена смртна казна во Јордан поради нејзината улога во бомбардирањето во 2005 година.