Македонија Уапсен скопјанец под сомнеж дека учествувал во купувањето на возилото за двојното...

Уапсен скопјанец под сомнеж дека учествувал во купувањето на возилото за двојното убиство во „Шиша бар“

Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје попладнево доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот Г.М. (31) од Скопје

Фото: 4711018 from Pixabay

Полициски службеници од СВР Скопје заедно со специјалната единица „Тигар“ и Секторот за меѓународна полициска соработка – Отсек потраги извршиле претрес на дом и го привеле Г.М. (31) од Скопје, кој бил баран со потерница од надлежното обвинителство во врска со убиството во кафе бар „Шиша бар“ во Скопје што се случи на 6 март годинава.

Тој е задржан во полициска станица и против него до ОЈО Скопје е поднесена кривична пријава по брза постапка за извршенo кривичнo делo „помагање” по чл. 24 од КЗ во врска со кривично дело „убиство“, информираат од МВР.

Од Основното јавно обвинителство Скопје, од каде е донесена Наредба за спроведување истражна постапка, образложуваат дека осомничениот 31-годишен скопјанец, на 18 февруари во Косово, со умисла помогнал во извршување на кривично дело, односно учествувал во купопродажба на автомобил кој подоцна на 6 март бил искористен за извршување на кривичното дело убиство во кафе бар на улица „Самоилова“ во Скопје.

Јавниот обвинител до Основниот кривичен суд Скопје попладнево доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот, бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство, постои основан страв дека тој ќе ги сокрие или уништи трагите на кривичното дело или ќе ја попречува кривичната постапка со влијание врз сведоци.

Две лица беа убиени на 6 март околу 20 часот, во угостителскиот објект „Шиша бар“ во Старата скопска чаршија, откако неколку маскирани лица, според МВР, влегле во објектот и пукале кон Ј.К. и Е.И., кои починале на лице место, и кон А.Т., кој е пренесен во болница.

Пукањето во угостителскиот објект се случил пред голем број очевидци. Во текот на ноќта за време на истражната постапка, беше обезбедена една локација на патот кон Горно Оризари, каде што беше пронајдено опожарено возило „ауди“.