Македонија Уапсен професорот Бобек Шуклев во акција на МВР

Уапсен професорот Бобек Шуклев во акција на МВР

Универзитетскиот професор и поранешен декан на Економскиот факултет при УКИМ, Бобек Шуклев, е уапсен во акција на МВР што денеска била спроведена на факултетот, јавуваат медиумите, повикувајќи се на извори од истрагата.

Според информациите, кои засега не се потврдени од МВР, во акцијата под кодно име „Еразмус“ се осомничени вкупно осум лица, но во моментов приведен е само професорот Шуклев, а по другите полицијата сè уште трага.

Порталот „Прес 24“ неофицијално пренесува дека меѓу осомничените, наводно, е и член на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ).

Осомничените, според првичните информации, се товарат за примање и за давање поткуп, противправно просредување, злоупотреба на службената положба и овластување и за други дела поврзани со корупција.