Македонија Црвениот крст на Македонија се приклучува кон глобалната кампања „Насекаде за секого“

Црвениот крст на Македонија се приклучува кон глобалната кампања „Насекаде за секого“

Црвениот крст на Македонија, по повод Светскиот ден на Црвениот крст и на Црвената полумесечина – 8 Мај, се приклучи кон глобалната кампања на Меѓународната федерација на друштвата на Црвен крст и на Црвена полумесечина, што се одвива под мотото „Насекаде за секого“.

– Насекаде во светот меѓународното движење на Црвениот крст и на Црвената полумесечина е присутна за секого. Преку глобалната мрежа од речиси половина милион вработени лица и повеќе од 17 милиони волонтери Црвениот крст и Црвената полумесечина дејствуваат како сила за позитивна промена за најранливите категории население во ситуации како одговор на потреби во случај на катастрофи и на вооружени конфликти, обезбедување поддршка во урбани центри и во тешко достапни подрачја, како и застапување во нивна корист во политичките кругови и во владите. Водени од основните принципи, ја мобилизираме моќта на хуманоста да спасуваме животи и да ги намалиме страдањето – се вели во пораката од Црвениот крст.

Во рамки на активностите за одбележување на Светскиот ден, Црвениот крст на Република Македонија утре ќе отвори Центар за логистика во Момин Поток во Скопје. Како што велат од Црвениот крст, центарот има цел да ги зајакне и да ги унапреди капацитетите за логистичка поддршка на националното друштво, како и да придонесе за функционално единство, унифициран дизајн, видливост и за препознатливост во државава и пошироко.