Македонија ЦИВИЛ бара одговорност за полициската бруталност врз мигрантите

ЦИВИЛ бара одговорност за полициската бруталност врз мигрантите

Општа констатација е дека Институциите на нашата држава и во оваа криза се претставија како неефикасни, дискриминаторски и насилнички, оцени ЦИВИЛ – Центар за слобода.

„Тоа што последниве денови се случува на границата со Грција уште еднаш покажа дека институциите на Република Македонија имаат капацитет нашата земја да ја прикажат само во најлошо светло. ЦИВИЛ бара од властите веднаш да го променат својот однос кон бегалците и во целост да го почитуваат меѓународното право. Неприфатливи се споредбите со односот на други земји кон бегалците кои апологетите на власта сакаат да ги наметнат, отворено или суптилно, во јавноста. Таквите споредби може да се толкуваат единствено како невешт обид за бегање од одговорноста“, стои во соопштението.

Од организацијата ги повикаа сите кои имаат информации за приведени или малтретирани мигранти да ги споделат со ЦИВИЛ.

„Однесувањето на полицијата како разуздана паравоена формација ја чини нашата земја многу повеќе отколку да покаже хуманост и да се придржува кон меѓународните стандарди. Тоа мора да запре, а одговорните за ваквото однесување треба да поднесат оставки и да одговараат според законите. Тепањето, шок бомбите, понижувањата, бодликавите жици и гумените куршуми не можат да бидат оправдание, туку срамен белег!“, стои во соопштението.

ЦИВИЛ ги повика сите хумани луѓе да им помогнат на бегалците со храна, вода и медикаменти и им честита на волонтерите за нивната хуманост и пожртвуваност.