Македонија Цело Кичево нема струја

Цело Кичево нема струја

Во Кичево целиот град е без напојување со електрична енергија. Причинети се повеќекратни дефекти во високонапонската мрежа.

– Од она што го видов на терен и од разговорите со раководните луѓе на ЕВН и на МЕПСО, можам да кажам дека во моментот се презема сè што е потребно за нормализирање на ситуацијата – истакна вицепремиерот Владимир Пешевски, кој заедно со генералниот директор на АД МЕПСО, Синиша Спасов, денеска го посети кичевскиот регион, кој е погоден од обилни врнежи.

Пешевски додаде дека корекцијата ќе се одвива во две фази, така што прво ќе се обезбеди алтернативно напојување, од две страни на 35-киловолтните далекуводи.

До вечер се очекува едното алтернативно напојување и една половина од градот да добие електрична енергија, а втората половина неколку часа подоцна.

– Очекуваме да се обезбеди напојување на 110-киловолтната мрежа, со што од страна на Сопотница целосно ќе се реши проблемот со напојувањето на градот – рече Пешевски, пренесуваат медиумите.

Тој најави дека во наредните два дена ќе се санираат штетите на главниот дефект на далекуводот од Кичево до Осломеј.

– Наредните денови, може да се очекуваат слични ситуации и во останатите делови на државата, но ние ќе бидеме максимално подготвени со сите соодветни органи да реагираме и проблемите да ги отстрануваме колку што е можно побргу – рече Пешевски.