Главна секција Царина негира: Не набавуваме опрема за прислушување

Царина негира: Не набавуваме опрема за прислушување

Царинската управа на Република Македонија денеска демантира дека набавува опрема за прислушување.

„Во врска со информациите за наводно набавување опрема за прислушување, односно за спроведување посебни истражни мерки, изнесени во некои од медиумите, Царинската управа на Република Македонија информира дека во моментов не се набавува опрема за прислушување ниту, пак, е предвидена набавка на таква опрема со плановите за наредните три години, што се изготвени и доставени до Министерство за финансии на Република Македонија“, стои во соопштението.

Викиликс“ вчера објави мејлови кои може да се пребаруваат, кои укажуваат дека македонската Царинска управа, преку компанијата „Навајо технолоџис“, се обидува да набави опрема за следење комуникации од компанијата „Хакинг тим“.

Информациите за електронската комуникација за набавка на опремата, направена пред десетина дена, доаѓаат во период кога државата ја тресе политичка криза, која настана откако опозицијата ја обелодени аферата „Прислушување“.